Цените на горивата ќе поскапат и во македонија поради светските берзи

Нападот на Израел врз Иран со сигурност ќе има влијание врз цената на нафтата во Македонија, но очекувањата се дека нема драстично да поскапи нафтата барем во претстојнава недела.

Ова го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски кој додава дека состојбата ќе се следи и се надева на што помал ценовен шок, исто како што се случи и кога започна војната во Ураина. 

„Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати. Апсолутно дека ќе има влијание и на цената која што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија.“ - Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Во последниве неколку месеци цените на нафтата на берзите се движат од 65 до 68 долари за барел, утрово еден барел изнесуваше 78 долари. Тоа не смее да биде причина производите во земјава особено прехранбените да добијат нова повисока цена.

„Имаше цени на нафтени деривати и дизелот кога беше 110 денари и кога тоа беше причина за големи поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66 денари а цените на производите кои што тогаш се покачија не се вратија назад. Така да, не верувам дека тоа ќе има драматично влијание и на останатите продукти.“ - Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Само неколку часа по нападите на Израел врз Иран цените на нафтата на берзите пораснаа за близу 10 отсто. Ова е најголемо зголемување на цената уште 2022 година.