Цели 37 години се гради новата болница во Кичево

Кичевчани 37 години ја чекаат новата болница. Објектот започна да се гради во 1985 година и не е завршен  до ден денес. Со години се добиваат нови ветувања од секоја власт и министерството за здравство,но и после три ипол децении објектот се уште е во изградба.

 „Со доаѓањето на новиот министер, имавме посета и од министерот Сали во еден наврат имавме изјава дека се обезбедени 1 милион евра за изградба на новата болница  но на терен за жал иако немаме ингеренции гледаме дека слабо се движат работите“ ,вели Станко Трпески директор на ЈЗУ општа болница Кичево. 

Менаџментот на болницата нема информации на што се должи стагнацијата на изградбата, ниту знаат дали и кога ќе биде готов новиот објект со оптимални услови  за лекување на бројните пациенти. 

„Заедно со градоначалникот во неколку средби се ангажираме да влеземе во нови современи услови кои што ќе бидат оптимални за работа на медицинскиот персонал. Меѓутоа за жал немаме импликации за преселување во новата болница“, додава Трпески. 

Во кичевската болница се лекуваат пациенти од целиот регион или истата опслужува околу 35 000 жители. 

 Министерот Сали денеска рече дека ги отстраниле сите правни и градежни пречки  и со средства од 1 милион  евра оваа година продолжуваат градежните работи на објектот кои според планот треба да завршат до 2024 година.