Царинска управа: Запленети девизи, злато, цигари, бижутерија, ветеринарни препарати, музички инструменти и домашна ракија

Царинската управа информира дека нејзини службеници и мобилни царински тимови откриле неколку обиди за шверцување разновидна стока и неколку обиди за криумчарење поголеми суми девизи.

Соопшти дека кај двајца грчки државјани, кои се пријавиле за излез од државава на граничниот премин „Табановце“, биле откриени непријавени 13.900 евра, три златни монети и една златна плочка од околу 90 грама.

-При личен претрес на лицата, во џебот од јакната на возачот биле пронајдени 23.900 евра, а во неговиот паричник и во предниот џеб од неговите панталони биле пронајдени три златни монети, секоја со маса од околу 8 грама, и една златна плочка со маса од околу 90 грама.  Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 13.900 евра, златните монети и златната плочка се привремено задржани, соопшти Царинската управа. 

Управата информира и дека при контрола на автомобил, кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин „Ќафасан“, кај совозачот биле пронајдени непријавени 20 илјади евра. Појаснува дека според  Законот за девизно работење, на странката ѝ биле вратени 10 илјади евра, а останатите 10 илјади евра се привремено задржани.