Царина: Пуштен во промет луксузен мерцедес со фалсификувани документи, кривична против девет лица, меѓу нив и цариници

Две правни и седум физички лица заработија кривична пријава поради сомнение за злоупотреби при увоз и регистрација на луксузно возило „Мерцедес-Мајбах“ со фалсификувана документација.

Според царина, настанот се случил во 2023 година , кога возилото било пуштено во сообраќај и регистрирано врз основа на лажни документи, при што државниот буџет бил оштетен за околу 1,9 милиони денари. Истрагата покажала дека првоосомничениот, во својство на увозник, го набавил автомобилот од Германија и го внел во земјата. Второосомничениот, кој бил царински застапник и управител на шпедитерска фирма, изготвил фалсификувана фактура со пониска вредност на возилото, како и лажен доказ за потекло, со што значително се намалиле увозните давачки. 

Царинска управа

„Потоа ги лажирал и останатите документи при што во делот на регистарски таблички ги внел оние што биле во важност пред увозникот да го купи возилото во Германија, а податоците за увозникот ги изменил со други. При увозно царинење на возилото наместо 3,9 милиони денари биле наплатени два милиони денари и со посредство на тројца царински и еден полициски службеник, возилото со фалсификувани документи било пуштено во слободен промет и регистрирано. “  

Од Царинската управа велат дека лицата кои се опфатени со пријавата, се товарат за слични дела и во други кривични пријави поврзани со увози на автомобили и се отпуштени од работа минатата година.

Во период од една и пол година,  Секторот за контрола и истраги во царината до Основното јавно обвинителство поднело вкупно 51 кривична пријава против 110 правни и 396 физички лица за криминал поврзан со 180 употребувани возила. Како што велат од царина, станува збор за кривични дела извршени во периодот од 2022 до 2024 година, со кои е нанесена директна штета врз буџетот во износ од 41 милион денари.