Булингот е меѓу главните проблеми кој прво треба да биде препознаен во околината

Врсничкото насилство е проблем кој треба да ги разбуди институциите и да се крене на највисоко државно ниво, сегментот воспитување треба да се врати во воспитно - образовниот систем вели во интервју професорот Лазар Нанев претседател на Основен суд со проширена надлежност Кавадарци и претседател на државниот Совет за превентива против малолетничка деликвенција.

- Од она што и ние го имаме правено, меѓутоа исто така и најголемиот дел ваквите анализи и истражувања ги прават невладините организации, тоа е навистина за поздравување, во последните две - три години, имаме, би рекол, една интензивна состојба на појава на булингот, што драматично ја променува целокупната слика. Проблемот за врсничкото насилство е долгогодишен, а особено актуелен, по неодамнешното убиство на неколку лица во училиште во Србија и информациите во јавноста дека и самиот малолетен убиец, претходно бил жртва на врсничко насилство. - вели Нанев.

Професорката Тамара Ќупева во неделното интервју на слободна европа вели дека психолозите се првите кои треба да го препознаат булингот во училиштата, според неа проблемот е комплексен и не може со ограничување на социјалните мрежи тој да се реши.

- Тоа е забрана за користење на таа апликација на службените телефони и исклучиво од аспект на заштита на личните податоци за кои се сомнева дека протекуваат преку таа апликација. Но кога зборуваме за децата, особено за основците и средношколците, потребни се други механизми коишто ќе го подготват детето за негова комуникација со јавноста и со околината во тој виртуелен простор. Првиот сервис треба да бидат Психолошките служби во училиштата, но секако треба да се има предвид и големината на училиштето и капацитетите на тие служби. Постојат училишта со над 1200-1300 ученици, а само еден психолог во училиштето и навистина тој механизам на скрининг, на мониторинг, на реакција е прилично отежнат. - вели Ќупева.

Никола Дујовски од факултетот за безбедност вели дека е вистинско време за отворено да се разговара за булингот кој вели дека сите сме свесни дека постои но не се дискутирало. 

За врсничкото насилство во Македонија почна гласно да се говори по случајот во српското основно училиште „Владислав Рибникар“ во кое на трети мај беа убиени осум деца и еден чувар.