Бухнер: Со законот за странски агенти Грузија се оддалечува од влезот во ЕУ

Германската влада оценува дека усвојувањето на контроверзниот закон од страна на грузискиот Парламент за ограничување на странското влијание врз граѓанското општество е погрешно и изразува надеж дека владата во Тбилиси ќе ја смени својата позиција, јави ДПА.

-Ја потсетуваме грузиската Влада на нејзиното ветување од 2023 година дека безусловно ќе го повлече таквиот закон од процедурата, изјави денеска во Берлин заменик владиниот портпарол Волфганг Бухнер.

„Ја споделуваме загриженоста дека грузиската Влада со овој закон се оддалечува од својот курс кон членство во Европската унија“, кажа Бухнер.

Грузија од крајот на минатата година има статус на земја кандидат за членство во ЕУ. И покрај неколкунеделните масовни протести, владејачкото мнозинство на партијата Грузиски сон вчера го одобри контроверзниот закон, што бара организациите финансирани од странство да се регистрираат како „странски агенти“.

Портпаролот Бухнер нагласи дека германската Влада продолжува да ја поддржува Грузија на нејзиниот пат кон пристапување во Европската унија.

-Ние сè уште сметаме дека овој пат е отворен. Меѓутоа, тој е поврзан со многу јасни барања што секоја земја кандидат мора да ги исполни. И нема да има попусти на овој пат, додаде тој.

„Од Грузија зависи дали ќе тргне по овој пат, но тоа бара јасни реформи и почитување на заедничките вредности“, изјави заменик портпаролот на германската Влада, пренесе ДПА.