Бугарско МНР: Загрижени сме за измислените тези на властите во Скопје за Aкцискиот план за малцинства и заедници
Официјална Софија се огласи во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците подготвен од македонската Влада, изразувајќи притоа загриженост за, како што велат од бугарското Министерство за надворешни работи, последните измислени тези од властите во Скопје што „остро се разликуваат од суштината на европскиот консензуs од 2022 година“.
Реакцијата на бугарското МНР доаѓа по изјавите на македонскиот премиер Мицкоски, дадени викендот, во кои тој наведе дека Акцискиот план бил завршен уште пред неколку месеци, со вклученост на европски експерт, но дека Софија го одбила, покажувајќи на тој начин дека проблемите што Бугарија ги има со нашата земја се подлабоки и немаат врска со исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија.
Од друга страна, во соопштението на бугарското МНР се вели дека прашањето на кој јазик треба да биде планот за правата на малцинствата и заедниците што се очекува од Скопје е внатрешно прашање на Северна Македонија и дека тоа не е тема на билатералните односи. Од МНР на Бугарија наведуваат дека планот за правата на заедниците е чекор што треба да следи по внесувањето на Бугарите во Уставот во земјава.

