Бугарско МНР: Спроведувањето на договорот и протоколот не е формален услов за отворање и затворање кластери со Северна Македонија
Бугарија е незадоволна од чистиот македонски јазик во Преговарачката рамка, но сепак го прифаќа францускиот предлог за кој според официјална Софија, е нешто за кое земјата не можела ниту да се надева пред половина година.
Ова е наведено во документот кој шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, на 23 јуни требаше да го презентира пред Комисијата за надворешни работи во Народното собрание, но тоа не се случи, бидејќи мнозинството пратеници одлучија дека Комисијата немала потреба да дискутира за предлогот, а кој денеска го објави Дојче Веле.
Она што го нотира бугарското МНР, е фактот што спроведувањето на Договорот и протоколот не е формален услов за отворање и затворање поглавја од преговорите, а што според нив, не соодветствува со Рамковната позиција која бугарското Собрание ја изгласа.
Дипломатски извори за ТВ 24 брифираат дека не постојат гаранции дека во иднина Бугарија не може да блокира во преговарачкиот процес, но фокусот на ЕУ е Македонија да ги стартува преговорите после 2 децении во чекалната на Унијата и паралелно да се решаваат билатералните прашања. Нашите извори брифираат дека иако македонскиот јазик во преговарачката рамка е чист, сепак постои некаков ризик во иднина да има блокада на 34-то поглавје.
Според нив, точно е дека билатералните проблеми не се дел од копенхашките критериуми на кои се знаснова рамката, но сепак се дел од проширувањето на Западен Балкан, а Македонија не е единствен пример, тука се наоѓа и Србија. Нашите извори бирфираат и дека чешкото претседавање со ЕУ месеци наназад се консултирало и било запознаено за францускиот предлог, а официјална Прага не е изненадена од Преговарачката рамка за Македонија, напротив, сите земји-членки на ЕУ се информирани и ниту една нема да го блокира процесот.
Експертите во Македонија велат - Компромисот не е победа, туку има и одредени непријатни резултати и охрабруваат дека треба да се направи првиот чекор за почеток на преговорите со ЕУ.
„Сите оние кои се големи противници, им порачувам дека таквата негација на овој предлог би значело два чекора назад за нашата држава и најмалку уште 5-6 години губење во нашите европски интеграции. Мислам дека има доста позитивни елементи, мислам дека никој ништо не би не натерал или понижил, затоа што влегуваме внатре, а борбата почнува.“ - изјави Нано Ружин универзитетски професор.
Во меѓувреме, во понеделник партиите на координација со претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе одлучуваат кога Информацијата за предлог Преговарачката рамка ќе се најде на пленарна седница, што се очекува да се случи по расправата за Буџетот.
По седум дена демонстрации против францускиот предлог, денеска нема да има ниту протести, ниту блокади на патишта, но демонстрантите веќе од утре продолжуваат со протестите.

