Бугарските пратеници со “амандманска канонада“ на извештајот на Вајц за Македонија
Бугарските европратеници го „бомбардираа“ со амандмани, извештајот за Македонија во Европарламентот – Томас Вајц побара Европскиот Совет итно да го разјасни Протоколот со Бугарија.
Со речиси 100 амандмани, бугарските европарламентарци побараа, Европската Комисија во својот годишен извештај за Македонија, да вклучи посебен дел за оценка на договорите со Грција и Бугарија, имплементација на уставните измени, а побараа и македонската власт и медиумите да се воздржат од како што пишува говор на омраза потив ЕУ членките и соседите.
Амандман 143 поднесен од Андреј Ковачев : Ја повикува Комисијата да вклучи во својот годишен извештај за земјата за Северна Македонија, посебен и периодичен дел за проценка на спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција, вклучувајќи јасни одредници, временски рокови и евалуација на мерливиот напредок во нивното спроведување.
Во амандман, бугарскиот европратеник Ковачев, ја повикува Европската Комисија да го следи и оценува напредокот во имплеметацијата на заклучоците и препораките од историската комисија со Бугарија.
Амандман 145 поднесен од Андреј Ковачев: Ја повикува Комисијата да го следи и оценува напредокот во спроведувањето на заклучоците и препораките на Заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, вклучувајќи го и нивното одразување во училишните наставни програми, учебници и образовни материјали, и редовно да известува за овие случувања во своите годишни извештаи за проширување.
Бугарските европарламентарци не се задоволни ниту од Акцискиот план за малцинствата, кој покрај уставните измени е услов за старт на преговорите на Македонија со ЕУ . За документот кој се уште е во процедура и се ангажирани експерти од Совет на Европа,велат, дека не гарантирал ефикасна заштита од дискриминација, насилство и говор на омраза.
Амандман 238 поднесен од Андреј Ковачев, Андреј Новаков, Никола Минчев и Иавјло Валчев : Го забележува завршувањето на Акцискиот план за малцинства од страна на властите на Северна Македонија; жали што според претставниците на одредени заедници во земјата, Планот не гарантира доволно ефикасна заштита од дискриминација и насилство, не обезбедува функционални механизми за борба против говорот на омраза, не ги решава соодветно наводните систематски прекршувања на правата и нема ефикасни правни инструменти за да се обезбеди заштита на засегнатите лица;
А известувачот за Македонија Томас Вајц, како претставник на Групата на Зелените, поднесе амандмани, со кои ја повика правната служба на Европскиот Совет, итно да ги расчисти сите двослмислености со Протоколот и да спречи билатералните прашања да го попречуваат напредокот на земјата.
Амандман 108 поднесен од Томас Вајц : Ја повикува правната служба на Советот итно да ги разјасни сите двосмислености околу правниот статус на вториот билатерален протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји во врска со процесот на пристапување.
Амандман 130 поднесен од Томс Вајц : Потсетува дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка надвор од процесот на пристапување; го повикува Советот да спречи билатералните прашања што не се поврзани со критериумите од Копенхаген да го попречуваат напредокот.
Вајц побара поактивна улога на ЕК и ЕС за деблокада на интеграциите и одлучување со квалификувано мнозинство, додека европратеникот Тангер Кореа (кој за време на дебатата за извештајот порача дека Македонците се уморни од чекање) предложи билатералните прашања да се изземат од преговорите.
Во меѓувреме, покрај бугарските, пристигнаа и неколку грчки амандмани за формулациите „македонски граѓани“, со предлози да се заменат со „граѓани на Северна Македонија“, па дури и „Скопјани“.
Извештајот за Македонија во ЕП, треба да се гласа во месец мај.

