Бугарскиот европратеник Џамбаски со нови провокации - Македонија е бугарска

Бугарскиот еврпратеник Џамбаски со нови провокации - Македонија е бугарска, му порача на шефот на државата.

„Нема да се избрише вистината“, напиша на фејсбук  како одговор до претседателот Пендаровски, кој вчера се изјасни, дека на Советот за безбедност, предложил забрана за влез во земјата за Ангел Џамбаски и уште неколку бугарски државјани.

- Македонија била и е бугарска! Северна Македонија е друга работа. За тоа заслугата е на Тито. Со забрани за влез во државата нема да ја избришете вистината. - напиша  Ангел Џамбаски европратеник.

И додека Пендаровски предупредува дека одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе биде настан од висок безбедносен ризик во земјата,поради, како што кажа- организирани структури во Бугарија кои спроведуваат антидржавни кампањи кон Македонија, Софија бара солидарност од ЕУ за тензиите со Скопје.

Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, кој денеска не реферираше пред бугарските пратеници за инцидентот во Охрид, вчера во Брисел, според бугарската БНТ, од членките на ЕУ барал солидарност за проблемите со Скопје. Денеска, во негово отсуство, дебатата за Македонија, место во бугарското собрание, се префрли во собраниските кулоари. 

Бугарскиот пратеник и потпретседател на Народното собрание Вигенин, за случајот со претепаниот Пендиков најави дека ќе се жали во ОБСЕ, со кое годинава претседава токму Македонија. Испрати и апел до македонските политичари, да се воздржат од изјави.

А не изостанаа ниту пораките за вето. Лидерот на бугарската „Преродба“ Костадинов, порача:

- Треба да биде ставено вето. Македонија отсекогаш покажувала дека кога тргнува на линија на конфронтација со Бугарија, подготвена е да оди до крај. Голема дилема е до каде ќе оди нашата земја .

Костадинов повеќе пати испраќаше пораки и од собраниската говорница од Софија, но и од Скопје велеше, дека Македонија е втора бугарска држава, а Македонците - Бугари. Македонското МНР испрати и нота до Софија за однесувањето на бугарскиот политичар.