Бугарската предизборна кампања во полн ек - Македонија како и секогаш во фокусот

Се бројат часови до крајот на бугарската изборна кампања, а Македонија повторно во фокусот на бугарските политичари. Во трката по гласови, овие денови Софија се расфрла со жестоки критики кон Скопје, а последна во низата е поранешната шефица на бугарската дипломатија и членка на ГЕРБ. Екатерина Захариева удри по Македонија.

За бугарски медиум коментира дека нема место за македонизмот во ЕУ, а Брисел тоа го знае.

- Урсула фон дер Лајен тешко дека ќе заборави како ја пречекаа во парламентот на Северна Македонија. Одамна антибугарскиот бран стана антиевропски. Зарем не мислите дека европските амбасадори во Скопје пред неколку дена не видоа како на трибините на нивниот стадион публиката ја исвиркува нашата химна и ги навредува нашите фудбалери. - изјави Екатерина Захариева ГЕРБ.

Вчера бугарскиот МНР Милков кажа дека во Македонија има структурен проблем со правата на Бугарите, а претходно лидерот на Има Таков Народ – Трифонов, испрати критики до министерот Османи, нарекувајки го северномакедонски министер.

Бугарскиот аналитичар и поранешен заманик министер за надворешни работи Ќучуков за ЕВРОПАТ на телевизија 24 пак вели дека – не се очекува стабилна влада во Бугарија по изборите во недела, но не се очекува ниту промена кон македонските позиции.

- Јас не очекувам промени во однос на тоа прашање. Тоа е решено со францускиот предлог и не верувам дека некој од бугарските политичари ќе прави промени, напротив ќе се држат до него. За изборите во недела, не е веќе проблем дали истите ќе бидат мирни или демократски туку политичката апатија, тешко до нова влада, избори може да има пак на зима 2023та. - изјави Љубомир Ќучуков екс зам. МНР Бугарија. 

Не изостануваат обвинувањата за корупција. Бугарското министерство за внатрешни работи објави дека пред изборите се нудат 100 до 200 лева за глас, а најмногу понуди за гласови доаѓаат од ГЕРБ и ДПС. 

Од Македонија пак се пријавиле 181 граѓанин да гласаат во недела. Бугарската Централна изборна комисија ги објави. Најмногу се пријавени во Прилеп – 46, Кавадарци – 45, Велес – 42 лица. Во Охрид се пријавиле седум, во Амбасадата на Бугарија во Скопје се пријавени девет, во Струмица 22 и во Штип двајца.