Бугарската потпретседателка Јотова во инкогнито посета на Македонија

Дојде, се поклони на Левски и замина. Јотова во ненајавена посета на Скопје се сретна со Македонските Бугари. Дочекана од бугарскиот амбасадор во земјава Ангелов и без желба да се сретне со македонските власти - вториот човек на Бугарија, потпретседателката Илијана Јотова, синоќа, во присуство на бугарски медиуми, во Скопје, кажа дека Бугарија нема да отстапи ниту сантиметар од договореното со Македонија.

На Македонските Бугари во земјава, им се заблагодари, за храброста да ја бранат својата бугарска самосвест, традиции, јазик, историја.

- Ние, нема да отстапиме ниту сантиметар од договорите кои ги имаме. Ако, Бугарите не се признаат и запишат во Уставот на Македонија, ви велам, нема да има ниту педа напредок во преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Нема да има меѓувладина конференција. Нема да има извештај од страна на ЕК и мисијата на ЕК, со кои ќе се почнат вистинските преговори. Внимателно ја следиме ситуацијата тука, следиме внимателно кој и како ги подготвува можните текстови за да се впишат Бугарите во Уставот, како ќе се усвојат овие текстови и како ќе реагираат политичките сили, но пред се институциите во Македонија. - изјави Илијана Јотова поптретседателка на Бугарија.

Не заборави да го спомне и Христијан Пендиков, за кој кажа дека е невино момче, кој за малку не го изгубил животот затоа што е Бугарин во Макеоднија. Покрај станот и обезбедувањето, Јотова, најави дека Бугарија ќе му овозможи и да студира таму.

И покрај тоа што не се сретна со македонската владат, од МНР велат дека, престојот на Јотова во земјава ,бил пријавен по дипломатски пат преку бугарската амбасада. 

- Информираме дека во однос на престојот на потпретседателката не се побарани средби ниту други програмски содржини и нејзиниот престој и транзит низ земјава е во организација на Амбасадата. - велат од МНР.

Претходно, претседателот на Бугарија, Румен Радев, од Атина, испрати слична порака како Јотова. Ја повика македонската влада и политичките лидери да преземат активни чекори за вметнување на Бугарите во Уставот, во спротивно, земјава нема да ги започне преговорите со ЕУ. Кажа, Македонија да се ослободи од тоталитарното минато, ако сака да гради европска иднина.