Бугарите повторно го вмешуваат Тито во односите со Македонија
Foto

Бугарите повторно го вмешуваат Тито во односите со Македонија

Името Тито повторно во уста на бугарските политичари – соседите испраќаат нови пораки, но со иста содржина. 

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, кој важи за поумерен политичар во однос на македонскиот спор, во интервју за БГНЕС вели - Македонија, да ги остави Тито, Сталин и штетните идеологии во минатото, ако сака европска иднина. Според Плевнелиев за Македонија нема место во ЕУ ако манипулира со историјата. 

Росен Плевнелиев поранешен претседател на Бугарија - Нема ништо поодвратно од фалсификување на историјата. Учебниците во Северна Македонија велат дека Бугарите се фашисти, окупатори и Татари. Сè додека е така, сè додека немаме политичка волја да го прифатиме европскиот пристап и да работиме за добрососедство, ќе веруваме дека ова општество не е подготвено и не сака да биде подготвено да ги прифати европските вредност.

Плевнелиев вели дека членството во НАТО е геополитика и затоа Бугарија кажала „ДА“ за членството на Македонија во Воениот Сојуз, додека во врска со ЕУ ќе бидат претпазливи. 

Македонската влада пак чека да поминат бугарските избори закажани во април. Премиерот Заев во интервју за Слободен печат, испраќа пораки со љубов кон соседите. 

Зоран Заев премиер на РСМ - Ќе дадеме шанса на љубовта оти Борисов вели: „Ние не сме за војна, ние сме за љубов“. Ќе се изнајдат решенија. Тие имаат таму врв на демократријата – избори. Нека си изберат Влада, институции. Мај, јуни се пред нас додека да дојде Европскиот совет. Можеме да седнеме посветени водејќи грижа еден за друг, почитувајќи нашите посебности и да го најдеме решението. 

Изминатата недела македонската јавност се крена на нозе од контроверзниот предлог на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за решавање на спорот со Бугарија. Меѓу петте точки кои Георгиевски ги напиша на фб беше бугарскиот парламентот да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 година. Тој побара и  македонската историографија да ги означи Гоце, Даме, Ѓорче и стотици други како учители на бугарската егзархија.

Голем дел од македонските политичари ги осудија овие предлози , а од Георгиевски побараа да се извини на македонскиот народ.

0 Коментари

Остави коментари