Бугарија упати демарш до МНР поради запалено бугарско знаме во Вевчани

Официјална Софија со остар вербален демарш за палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани. Демаршот до македонското МНР го упатил бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, а за него на Фејсбук информираше лично шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.

„По повод информациите за запалено бугарско знаме во селото Вевчани во Република Северна Македонија му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје да го искаже пред Владата на Република Северна Македонија, нашето силно несогласување со овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ.“ - напиша Екатерина Захариева на фејсбук.

Македонското министерството за надворешни работи го осуди чинот на палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани и го оцеми како штетен по угледот на државата.

„Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија.“ - велат од МНР.

Претседателот Стево Пендаровски вели, палењето на бугарското знаме е недозволиво.

„Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување.“ - изјави Стево Пендаровски.

Бугарските медиуми не пренесуваат повеќе детали за случајот, освен дека за време на годинашниот карневал во Вевчани, кој немал официјална организација, било запалено бугарско знаме. БГ НЕС наведува дека и покрај напорите на двете земји да ги надминат разликите, вчерашниот настан ги разбуди тензиите.

Ова не е прв случај на палење на бугарско знаме. Видео на кое е прикажан таков чин, беше објавено и во ноември минатата година. Македонското Министерство за надворешни работи тогаш најостро го осуди таквиот акт, оценувајќи го како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави и да се нанесе штета на угледот на Македонија.