Бугарија се мобилизира по македонските најави дека законот за здруженија оди на Венецијанска комисија
Најавите од македонските власти дека ќе го испратат законот за регистрација на здруженија и фондации на мислење до Венецијанската комисија, дополнително ја мобилизира официјална Софија.
Бугарското МНР соопшти дека ќе продолжи да ги поддржува нивните клубови во земјава, ако се најдат во ситуација да мораат да ги променат имињата со кои се регистрирани или да ги затворат, изјави главниот експерт во бугарското Министерството за надворешни работи Жељазко Радуков на редовен брифинг со новинарите.
- Кога ќе стапи во сила Законот за здруженија зависи од тоа кога ќе биде објавен во Службен весник на Република Северна Македонија. Сигурно ќе се забранат клубовите, прашање е дали ќе се изнуди промена на името. Не можеме да одговориме на тоа бидејќи тоа ќе биде одлука на секој од овие клубови. - изјави Радуков.
Последните законски измени кои би требало да стапат на сила од 16ти месецов, а со кои би требало бугарските клубови да ги променат имињата во Централниот регистар, главниот експерт во бугарското министерство смета дека проверката на Веницијанската комисија не би го одложила спроведувањето на законот.
- Дали Венецијанската комисија може да го запре спроведувањето на законот, практично не, затоа што пред се, одлуките на Венецијанската комисија се советодавни, а не задолжителни. Второ, одговорна влада, кога оди да бара мислење од Венецијанската комисија, тоа го прави во моментот кога законот сè уште е предлог закон, а не кога е веќе усвоен. - изјави Радуков.
ВМРО-ДПМНЕ со барање веднаш да се примени законот и според нив треба под итно да се затвори клубот Борис III.
- Името на клубот Цар Борис, е име на докажан нацистички соработник, под негова палка Бугарија била дел од нацистичката коалиција на Хитлер. Недозволиво е тој клуб да продолжи со делување. - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна потписникот на добрососедскиот договор со Бугарија Заев во интервју за Академската мрежа за поддршка на политиката на ЕУ кон Западен Балкан смета дека провокациите кон источниот сосед би можеле да ни наштетат.
- Провокациите и националистичката реторика може да им обезбеди на премиерите на Грција и Бугарија, доволно причини да преземат мерки против нас за да го заштитат нивното достоинство и гордост. - изјави Заев.
Нетрпеливоста меѓу двата народи започна со отварањето на таканаречените културни клубови со имиња на спорни личности од историјата за македонската јавност кои се поврзуваат со фашизмот.