Бугарија ја натера Македонија да се откаже од рускиот гас
Бугарската такса го направи рускиот гас се понедостапен за земјава. Во тендерот на ЕСМ за набавка на гас за декември, стои дека се бара понудениот природни гас да не биде од Русија. Но, доколку гасот е руски, тогаш ќе мора понудувачот да ги вкалкулира во цената сите даноци и останати такси и трошоци.
Од ЕСМ бараат и потврда дека се платени сите давачики за пренос се со цел да не се дојде до ситуација државата да ги плаќа наметнатите 10 евра за мегават час за руски гас кој поминува низ Бугарија.
„Потребен е Сертификат за потекло на природен гас, со кој се гарантира дека природниот гас не е со потекло од Руската Федерација. Изјава од одговорното лице на понудувачот дека доколку има надоместок за пренос на природен гас со потекло од Руската Федерација согласно регулативата на Република Бугарија, истиот паѓа на товар на понудувачот.“ - Тендер на ЕСМ за набавка на природен гас.
Како алтернатрива сега двете топлани преку кои се затоплуваат скопјани ќе добиваат мешавина на американски и азербеџански гас од бугарска компанија која доставила најниска понуда на тендерот за набавка на гас за декември.
- ЕСМ Продажба донесе одлука за набавка на гас за месец декември 2023г за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба. Цена по која ЕСМ Продажба како ностител на лиценца за трговија со природен гас го набави за декември е 56е/MWh фиксна за варијабилна количина согласно потребите. - велат од ЕСМ.
Освен топланите, природен гас во земјава како основен енергенс користат и 100тина поголеми индустриски капацитети.
Откако ЕСМ ги превзема двете топлани од Балкан Енерџи Груп, досега во сите месечни тендери за набавка на природен гас, единствено се бараше понудувачите да наведат „земја на потекло на природен гас“.
Додека Македонија е приморана да бара алтернативи за набавка на природен гас, владата се уште чека одговор од Европската унија и од официјална Софија да се ослободат капацитети за набавка од друго место и на тој начин за земјава да не важи таксата од Бугарија. Премиерот на Бугарија Николај Денков денеска изјави дека досега неговата земја не прекршила ниту еден закон, ниту една регулатива на Европската Унија. Бугарија пред речиси два месеци воведе такса за пренос на руски гас низ нејзината територија. И покрај наметната такса, надлежните во земјава потенцираа дека зголемување на цената на парното греење нема да се случи.