Бугарија ја натера Македонија да се откаже од рускиот гас
Македонија и официјално се откажа од рускиот гас во последниот јавен повик за набавка на овој енергенс за двете топлани во Скопје преку кои се обезбедува загревање за домаќинствата и фирмите.
Во последниот месечен оглас за декември за прибирање на понуди за набавка на природен гас од страна на ЕСМ е преформулирана содржината на понудата, во која покрај техничките услови, за прв пат експлицитно се бара енергенсот да не е со потекло од Русија.
Во една од точките се бара „Сертификат за потекло на природниот гас со кој се гарантира дека природниот гас не е со потекло од Руската Федерација“. Дополнително доколку операторот нуди руски гас, се бара самиот да си ја плаќа екстра таксата што ја воведе Бугарија, што алудира на тоа дека ги губи шансите да биде конкурентен со испорака на руски гас.
Во уште една нова точка, како следна, се бара од понудувачот да гарантира дека се платени сите дополнителни трошоци, како заштита евентуално ЕСМ да не дојде до ситуација да треба да ја плаќа таксата што Бугарија од 13 октомври ја наметна за дополнителни 10 евра за мегават час за руски гас што минува низ бугарска територија.