Бугарија избра нов претседател на Собранието
Foto

Бугарија избра нов претседател на Собранието

Никола Минчев од „Продолжуваме со промената“ е избран за претседател на новото  Собрание на Бугарија. За него гласаа 158 пратеници од 228 - те кои беа присутни во парламентот кој брои 240, додека само 13 пратеници го поддржаа кандидатот на антиваксерската „Преродба“, Цончо Данев.

Претходно, со свечена церемонија беше отворена првата седница на 47 Народно собрание од доајенот д-р Силви Кирилов од партијата „Има таков народ“. Веднаш потоа пратениците положија заклетва.   

„Мило ми е што гледам толку многу млади луѓе. Верувам во младите луѓе, тие носат  енергија, имаат цели, идеали и очекувања. Сакам да ги потсетам на зборовите: Слободата е да не правиш што сакаш, но да не правиш што не сакаш.Вистината прво ја негираат сите, потоа некои луѓе ја прифаќаат и на крај сите ја прифаќаат затоа што тоа е вистината.“ - изјави Силви Кирилов - „Има таков народ“.

Претседателот Румен Радев во своето прво обраќање пред 47. Народно собрание истакна дека надежите за нов парламент се големи, а влогот е голем. 

„Да, нашето општество сè уште бара излез од корупциската статус кво состојба, но веќе кажа „не“ за враќањето на авторитаризмот. Потребен ни е политички консензус на реформските сили за потребата од одржливи реформи. Од нив зависи и судбината на нашиот политички систем кој не може да толерира нови предвремени избори среде зима.“ - изјави Румен Радев - претседател на Бугарија.

Наша должност е да му служиме на бугарскиот народ, порача од собраниската говорница лидерот на „Продолжуваме со промените“ Кирил Петков. 

„Наша должност е да му служиме на бугарскиот народ. Но, за жал, предолго повеќето пратеници пред нас не ја завршија добро работата и поради тоа Бугарија се соочува со огромни предизвици. Сите заедно да кажеме - време е за нулта толеранција кон корупцијата. Време е за вистинска правда во Бугарија. Време е сите да си ја завршиме работата.“ - изјави Кирил Петков - „Продолжуваме со промените“.

Во новиот бугарски парламент има седум политички формации. До крајот на следната недела Бугарија може да избере редовна влада, а на почетокот на следната недела се очекува да биде потпишан коалицискиот договор меѓу преговарачите - „Продолжуваме со промената”, БСП, „Има таков народ” и „Демократска Бугарија”.

0 Коментари

Остави коментари