Бугарија доби нова редовна политичка влада, предводена од Росен Жељазков
По четиригодишна политичка криза, народните избраници на соседна Бугарија изгласаа редовен Кабинет – со 125 гласа за и 114 против, поранешниот спикер на парламентот - Росен Жељазков, ќе формира нова Влада.
Коалицијата ГЕРБ-СДС ја доби поддршката од БСП-Обединета левица, партиите „Има таков народ„ и „Демократија, права и слободи - ДПС”.
При високо фрагментиран парламент, треба да ги надминеме нашите разлики, изјави новиот премиер Жељазков на денешната церемонија во Бугарскиот парламент.
- На Бугарија и треба редовна влада со политики што го поддржуваат владеењето на правото, безбедноста, заштитата и социјалните права на граѓаните, бидејќи земјата е во криза на доверба. Ова може да се надмине со отстранување на предусловите за неказнивост. Во комплицирана ситуација поврзана со војни и кризи, потребен е убедлив институционален одговор. - Росен Жељазков нов премиер на Бугарија.
Ова е многу разновидна и сложена Влада, но и посакувам успех, изјави Претседателот на Бугарија Румен Радев, предупредувајќи ги да се штитат од олигархиски интереси.
- Хоризонтот на оваа Влада зависи од свеста на сите во неа дека мора да работат пред се за националниот интерес и да ја наметнат својата независност од политичките и економските кругови со јасен интерес за власт во правосудството и јавните набавки. - Румен Радев претседател на Бугарија.
Опозицијата пак со остри критики и недоверба во новата Влада.
- Денеска конечно се роди нешто многу нечисто. Честитки за Борисов што ги собра тие што се одрекоа од него. Доаѓа (партијата) Новиот почеток. Многу наскоро ќе дојдам да владеам.“ - Дељан Пеевски Лидер на ДПС- Нов почеток.
На 1 јануари Бугарија се приклучи кон Шенген зоната а Жељазков изјави дека влез во еврозоната ќе биде еден од приоритетите на оваа Влада, откако преминот од бугарската валута лев на евро беше одложен поради високата инфлација во државата. Жељазков ќе мора да работи и на високото ниво на корупција во Бугарија како една од најкорумпираните земји во Европската унија според Трансперенси интернешнл.
Обвиненијата за корупција и олигархиска мафија во институциите во 2020 ја соборија владата на Борисов и го започнаа повеќегодишниот циклус на политичка нестабилност – за четири години, Бугарија оддржа седум избори.