Бугарија демантира дека не преземала ништо за Коридорот 8
Коридорот 8 во ќорсокак - кој ја кочи изградбата на пругата? Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт Гроздан Караџов, денеска, ги отфрли тврдењата дека Бугарија не презема ништо за железничкото поврзување меѓу двете држави и му порача на министерот Николовски, дека раскажува приказни за добра ноќ и не сака да го потпише договорот.
- Имам чувство дека Николоски раскажува македонски приказни за добра ноќ. Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише. Додека Николоски ги раскажуваше овие приказни, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот. Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 км/ч, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не. - Гроздан Караџов вицепремиер и министер за транспорт и врски на Бугарија.
Но Николовски возврати со спротивни инфомации и го впери прстот кон официјална Софија. Пред 3 дена, во интервју за емисијата 360 степени, порача дека Бугарија не покажува реална волја за изградба на пругата и дека досега не одговорила на повеќе од 15 дописи од македонска страна. Потврди дека во Владата е пристигнат Предлог-договорот и дека е формирано работно тело, но дека има спорни точки за кои треба да се разговара со официјална Софија.
- Фер е да се видиме и да ни кажат. Со самото тоа што одбегнуваат да се сретнеме, тоа многу говори за судбината на проектот. На наша страна се делата, на нивна се зборовите. - Александар Николовски.
Коридорот 8 е еден од најважните паневропски транспортни правци, кој треба да ги поврзе Бугарија, Македонија, Албанија со Италија како и пристаништата од Црното Море преку Јадранот до италијанскиот брег. И покрај големите очекувања и меѓународната поддршка, реализацијата на проектот бележи бројни застои. Прашањата кои се поставуваат се: Кој ја кочи изградбата, дали станува збор за администратуивни недоразбирања или пак политички игри зад сцената?
И додека Скопје и Софија разменуваат ставови, регионот останува без клучна железничка врска која треба да ја подобри поврзаноста и економската соработка.

