Бугарија бара правни гаранции, преговорите продолжуваат
Foto

Бугарија бара правни гаранции, преговорите продолжуваат

Ветото не е инает, Бугарија е подготвена да ги продолжи разговорите, изјави Бојко Борисов. За официјална Софија, вчерашниот „добрососедски“ шамар за Македонија пред земјите членки на ЕУ, не значи дека Бугарија не е добронамерна, туку само дека има граници на компромисот и принципиелност пред своите граѓани.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, на еден ден по ветото порачува дека со притисок од ЕУ и лобирање, нема да се промени бугарската позиција.

- Со вицепремиерите Захариева и Каракачанов одржавме десетици средби во потрага по решенија. Дадовме се од себе да не бидеме државата која ќе каже „не“ на стартот на преговорите со Република Македонија. Нашата позиција не е од инает, туку е принципиелна и ги отсликува очекувањата на сите Бугари. Се разбира, подготвени сме да ги продолжиме разговорите, продолжуваме да го почитуваме Договорот за добрососедство. Сепак, очекуваме да ја видиме истата посветеност и од другата страна. - изјави Борисов.

Заев очекува разговор во четири очи со Борисов, за самите да се обидат да го решат проблемот. Тој во интервју за тв 21 изјави дека не знае каде е прекршен Договорот за Доборсоседство од 2017 година и порача дека македонскиот јазик и нацијата нема да настрадаат во идни политички преговори со Бугарија. Денеска се обрати на фејсбук:

- Недонесувањето одлука на состанокот во Брисел е пораз за идејата на ЕУ, но во исто време е потврдено во изјавата на претседавачот, германскиот министер за европски прашања Михаел Рот дека до декември постојат уште можности. Tреба да продолжиме во духот на дијалог, а не низ конфликти, да дојдеме до решение. - изјави Заев.

Реакција на незадоволство пристигна и од Европскиот Парламент – тие бараат итен старт на преговорите. Известувачот за Македонија, Илхан Ќучук и Андреас Шнајдер, претседател на делегацијата на Европскиот Парламент за Македонија порачуваат дека Бугарија го спречува помирувањето на регионот.

- Неуспехот на министрите за европски прашања да ја одобрат преговарачката рамка за Северна Македонија, одложувајќи ги преговорите за членство во ЕУ, го загрозува кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан. - стои во соопштението до Европскиот Парламент.

Германскиот министер за Европа Михаил Рот и потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, вчера изјавија дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година.

Следната шанса за датум е на почетокот на декември, за време на Советот за општи работи на ЕУ или на Европскиот Совет кога премиерите на земјите членки ќе седнат на масата во Брисел. 

0 Коментари

Остави коментари