Бугарија бара помош од Унгарија за Македонија
Бугарскиот претседател Румен Радев ја повика Унгарија да ја убеди Македонија да ги направи уставните измени, кои, како што вели тој, се неопходни за членство во Европската Унија, пренесе БГНЕС.
Радев вели дека со унгарскиот претседател Тамаш Суљок разговарал за ситуацијата на Западен Балкан и проширувањето на ЕУ.
Румен Радев, Претседател на Бугарија - „Бугарија останува мотор на овие процеси и ние ги поддржуваме нашите соседи на европскиот пат. Ја повикав унгарската страна, која има нагорни пријателски односи со Македонија, да ги убеди нашите браќа дека промената на Уставот и Европскиот консензус се неопходен услов за членство во ЕУ“.
Според Радев, се работи за одлична можност да се продолжи конструктивниот дијалог. Нема информација каков одговор дал Суљок, но Радев во барањето алудира на добрите односи на владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ со унгарскиот премиер Орбан. Според последниот став на премиерот Мицкоски дијалогот за прашањата со Бугарија може да се интензивира после нова година.
Претседателката на Европската комисија пак Урсула Фон Дер Лајен после средбата со Мицкоски порача дека топката е кај македонската страна и дека треба да се направат уставните измени за деблокирање на преговорите со ЕУ.

