Буџет за 2024 на комисија: Развоен или предизборен?

Предлог буџетот за 2024 година е проектиран согласно потребите на граѓаните и компаниите. Министерот за финансии Фатмир Бесими пред пратениците го бранеше Предлог буџетот и побара негово усвојување за државата да може да продолжи да се развива, економијата да расте, а граѓаните да имаат подобар стандард.

Бесими очекува догодина капиталните инвестиции да бидат со рекордно ниво на реализација, а во исто време да се намалува буџетскиот дефицит.

„Секогаш тоа што е важно е дека во главните линии, главните политики се гледа дека растот на расходите е понизок од приходите. Тоа ни дава можност да го намалиме дефицитот. Тоа што е важно во структурата, има одредени работи кои се дефинирани со закон  и која структура ние ја следиме и се менува на среден и долг рок.“ - изјави Фатмир Бесими министер за финансии.

Опозицијата обвинува дека во изборна година власта планира народните пари да ги троши за политички маркетинг. Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ велат дека огромни средства се кратат за младите а се зголемуваат парите наменети за  непродуктивни цели.

„Претседателот Стево Пендаровски ќе потроши пет милиони денари повеќе оваа година. Владата на Република Македонија ја зголемува ставката за 15 милиони денари, и внимавајте ставка за поправки и тековно оддржување се зголемува за фантастични  539 проценти или 27 милиони денари. Ставката договорни услуги е поголема за фантастични 269 милиони денаери или цело 40 проценти. Службата за општи и заеднички работи ја зголемува ставката за угостителство за 17 милиони денари или за 23 проценти.“ - изјави Стојановски.

Според информациите за Предлог буџетот доставени се 272 амандмани, 250 се од ВМРО-ДПМНЕ а останатите од опозициските партии од албанскиот блок. Инаку, за 2024 година власта планира да собере пет милијарди евра а да потроши пет и пол милијарди евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниово од 3,4 отсто. Според проекциите на владата економски раст  догодина ќе изнесува 3,4% , а пак годишната инфлација пак е проектирана на ниво од 3,6%.