Буџет 2021 - јавниот долг ќе расте од каде ќе се позајмува владата и како ќе ги враќа долговите
Foto

Буџет 2021 - јавниот долг ќе расте од каде ќе се позајмува владата и како ќе ги враќа долговите

Македонија и следната година планира да издаде еврообврзница за да ја покрие дупката во буџетот и да ги врати долговите што ќе стасаат за плаќање. Според проекциите на буџетот, до година државата ќе се задолжни нови милијарда и 250 милиони евра.

868 милиони евра ќе се задолжи на меѓународниот пазар на капитал, а покрај еврообврзница се планира и повлекување на кредити од странски финансиски институции. На домашниот пазар кај деловните банки и пензиски друштва државата ќе се задолжи над 370 милиони евра, преку издавање на домашни хртии од вредност. 

Со ваквите вртоглави бројки на задолжување, Владата ќе врати стари долгови. И тоа 600 милиони евра во странство и 100 милиони евра дома за отплата на обврзници. Со останатите пари ќе се финансира буџетската дупка, кој до година ќе изнесува 565 милиони евра. Тоа е всушност и новото нето задолжување на државата. 

Во моментов јавниот долг изнесува 6.5 милијарди евра или 60,7% од БДП. Следната година тој ќе се зголеми 0,1 процентен поен.

Властите се оптимисти дека државата може да го издржи ова темпо на задолжување. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува македонската економија да се врати на преткризното ниво на БДП во втората половина на 2022 година.

„Кога спомнав дека овој буџет ќе влијае врз понатамошна консолидација тоа значи дека имаме план. Во наредните пет години, односно во 2025 година буџетскиот дефицит би требало да се спушти на 2,5% од БДП.“ - изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер.

Годинава земјата се задолжи речиси милијарда и 700 милиони евра. Отплати долгови во висина од една милијарда евра. Со останатите се покриваат тековните буџетски расходи и дополнителните трошоци што ги наметна Ковид пандемијата. 

Буџетот за следната година Владата го темели на очекуван раст на економијата од 4,1 насто од БДП. Проекциите се дека граѓаните повеќе ќе трошат, личната потрошувачка да се зголеми за 3,8%, а бројот на вработени да порасне за речиси 2 процентни поени. Инфлацијата е проектирана на 1,5%.

0 Коментари

Остави коментари