БУЏЕТ 2020: ЗА ЗГАСНАТОТО СЈО НОВИ 3,7 МИЛИОНИ ЕВРА
Foto

БУЏЕТ 2020: ЗА ЗГАСНАТОТО СЈО НОВИ 3,7 МИЛИОНИ ЕВРА

Дали новиот буџет предизвика институционален хаос. Специјалното јавно обвинителство, чија шефица Катица Јанева заврши во притвор како обвинета за случајот Рекет, и следната година ќе има за трошење 3,7 милиони евра. Во предлог буџетот за следната година стои дека СЈО ќе има на располагање исто толку пари, како и оваа година, без разлика што обвинителите и предметите не се повеќе таму. Дури 1,2 милиони евра се предвидени за плати на вработените во СЈО, а 2,4 милиони евра за стоки и услуги. Во моментов во Специјалното обвинителство се вработени 90 лица. СЈО е мртво иако мандатот на обвинителството, без обвинители, завршува во септември следната година.

Од Министерството за правда велат дека парите за СЈО ги побарала Јанева додека се уште ја вршела функцијата, а Министерството за финансии е должно да ги предвиди во буџетот.

„Ако тие средства се изгласаат во Собранието за СЈО, без амандман, тие средства се планираат да припаднат на редовното Јавно обвинителство.“ - велат од Министерството за правда.

 

Според буџетот што веќе е доставен до пратениците, судската власт следната година ќе има на располагање 35 милиони евра. За имплементација на законот за кривична постапка се предвидени 4,6 милиони евра. За предвремените парламентарни избори што политичките елити ги договорија за 12 април, се предвидени 6,8 милиони евра, а политичките партии ќе добијат дополнителни 5,2 милиони евра преку Министерството за правда.

Пратениците кои деновиве ќе го чешлаат буџетот, следната година ќе потрошат повеќе пари. Нивниот буџет за 2020 е проекиран на речиси 9,5 милиони евра. За плати и надоместоци за пратениците се проектирани 4,9 милиони евра, што е за речиси 300 илјади евра повеќе од годинава. Само за патни и дневни трошоци ќе се излее еден милион евра.

Ставката за плати и надоместоци е погоема и во Владата иако парите што ќе ги има на располагање извршната власт се помали од годинава. За плати во Владата следната година се проектирани 15,5 милиони евра, наспрема годинава од 14,3 милиони евра.

Државата идната година нема да биде штедлива и за плати и надоместоци на вработените во целиот јавниот сектор. Ќе потроши близу половина милијарда евра, што е повеќе од годинава за 36 милиони евра.

Во државната каса следната година, и покрај новото задолжување, ќе недостасуваат околу 300 милиони евра.

0 Коментари

Остави коментари