Бубрези, срца и црни дробови се органите за кои има најголема потреба за трансплантација
Во Македонија се' уште треба да се работи на подигнување на свеста за органодарителството. На одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството од „Храбро срце“ порачаа дека кога ќе добијат органи нема да бидат инвалиди на трудот, а истовремено кога веќе не може да направи ништо за својот близок, треба да се биде крајно хуман и да се донесе одлука-да се дозволи дел од блиската личност да живее во некој друг и да се спаси туѓ живот.
„Во оној момент кога некој треба да се оддели од својот близок и во тој момент чини дека губи се' на светот треба да изнајде во себе сила и да овозможи на некој друг да живее, со дозволување да се даруваат органите од својот близок. Тоа е неопходно за многу пациенти кои се наоѓаат на листата за трансплантација, со тоа ќе се подобри и општественото добро, зашто тие пациенти кои во моментов сме инавлиди на трудот, ќе станеме работоспособни“, рече Васко Јолевски-„Храбро срце“.
Со развојот на трансплантационата медицина се овозможува на пациентите да им се даде орган кој ќе значи додадени години на животот.
„Посебен пиетет сакам да искажам кон донорите, како живи така и починати, особено семејствата на починатите донори, кои во момент на голема лична загуба, трагедија и болка, пронашле во себе емпатија, сила и искра надеж да ги донираат органите на својот близок на луѓе на кои тој орган им значи живот“, рече проф.д-р Билјана Кузмановска-Национална координаторка за трансплантација.
Министерот за здравство посочи дека изминатиов период се вршат и обуки на лекарите, во делот на детектирање на пациенти, одржување на донорот, разговор со семејствата за донирање на органи, детекција на пациенти со срцева слабост.
„Неодамна нашата држава потпиша заеднички план за соработка со Министерството за здравство на Р.Хрватска, за тригодишен период од 2024-2027година, преку ТАЕКС програмата на ЕУ. Експерти од Хрватска беа во посета на Македонија и дадоа предлози за подобрување на системот од аспект на законодавство, усогласување на стандардите на ЕУ, како и организација на системот“, рече Арбен Травари-министер за здравство.
Според претставничката на Делегацијата на ЕУ и анализираните извештаи видливо било дека во Македонија се истражуваат можностите за соработка со европските организации за трансплантација.
„Оваа област на донација и трансплантација на ткива, коски и органи е првата област каде европската комисија ги воведе правилата и процедурите за да се осигури дека постојат стандарди за безбедноста на сите“, рече Мариа Канелополу-претставничка на Делегацијата на ЕУ.
Во моментов најмногу пациенти чекаат да им бидат транплантирани бубрези, срце и црн дроб. Од 2020 до март годинава, во Македонија се трансплантирани 77 органи од починат дарител, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.