Бубевски: Сторителите ги фатило паника оти се крена јавноста и решиле да го лишат од живот детето а парите да ги бараат подоцна
Сите инволвирани лица се лоцијани. Тројца од петмината за кои постои основ дека се вмешани беа на распит во ОЈО. Имаме признанија од осомничените кој во што бил инволвиран. Тие извршиле две кривични дела - грабнување за остварување на материјална корист и кривични дела - убиство. Овие дела се казнуваат најтешко во Македонија. Побаран е притвор од 48 часа бидејќи се во тек други потраги и вештачења. Потоа, МВР ќе излезе со кривична пријава по што ОЈО отвора формална истражна постапка, рече обвинителот Гаврил Бубевски на денешната прес конференција.
- Постојат сите околности за бегство и повторување на делото и затоа ќе побараме подолготрајна мерка притвор за обезбедување на осомничените. Ќе биде издадена меѓународна потерница за лицето за кое имаме првични информации дека не е во државата и ќе ја известуваме јавноста оти тоа понатаму го дозволува постапката, рече ОЈО Бубевски.
Бубевски рече дека без никакви задрши сторителите на овој грозоморен чин ќе бидат казнети. Процесот на истрагата, рече Бубевски, беше тежок оти некои околности во почетокот не се кажуваа а со постапувањето на полицијата доказните материјали беа обезбедени.
- Постапката мора да биде законита за да не дојдеме во ситуација поради процедурални пропусти постапката да падне на суд, додаде обвинителот.
- Имаме искази како дошло излегувањето од контрола за само два часа и убиство на девојчето. Сторителите ги фатило паника оти јавноста во целост беше ангажирана во пронаоѓање на детето, па одлучиле дека парите ќе ги бараат подоцна и го лишиле од живот детето, појасни Бубевски на новинарско прашање.
- Во однос на инволвираноста на таткото, двајца осомничени признале дека информации за движењето на детето добиле од осомничениот кој е надвор од државата кој им рекол дека информациите се од таткото, одговори Бубевски на новинарско прашање и додаде дека се вршат истраги дали е точно дека мајката има продадено стан и цел на злосторниците биле овие средства. - Оттука, таткото само со споредни докази се укажува дека наводно бил вмешан и засега нема основ да биде обвинет.