Бубевски: Русковска, Јосифовска и Трајчева ќе бидат сослушани по пријавата од Муареми

Скопското обвинителство во наредните неколку дена ќе ги повика обвинителките Вилма Рускоска, Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева на сослушување, како пријавени во кривичната пријава која до обвинителството ја достави Управата за финансиска полиција.

Ова на брифинг со новинарите го соопшти шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, кој посочи дека ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми веќе бил сослушан како оштетен во пријавата.

„Во предметот има доставено и материјални докази. Сослушан е Арафат Муареми како, а во наредните денови ќе бидат сослушани трите обвинителки како пријавени за Злоупотреба на службената положба и овластување. Друг засега не е сослушан, тоа ќе се слуши ако обвинителката која го води случајот процени дека треба.“ - изјави Гаврил Бубевски шеф на Скопското обвинителство.

Иако сослушувањето е најавено за наредните денови, обвинителката Вилма Рускоска за ТВ24 вели дека до неа се уште нема стигнато покана. Но освен од скопското обвинителство, покана чека и од Дисциплинската комисија, каде треба и усно да се произнесе зошто не треба против неа да биде поведена некаква постапка.

„Немам добиено ништо досега. Кога ќе ме повикаат во скопското обвинителство, јас веднаш ќе отидам. Ме немаат викнато ниту од дисциплинската комисија во Обвинителството, каде по писменото произнесување, треба и усно да се произнесеме.“ - изјави Вилма Рускоска обвинителка.

Во пријавата од Финансиската полиција, посочено е дека бил извршен претресот, иако предметот не бил созреан за да се случи тоа. Муареми претходно, обвини дека освен што ја злоупотребиле функцијата, обвинителките обезбедиле наредба за претрес со презентирање на лажни податоци во судот.

Пријавата се темели на извештајот од претресот, а како прилог, доставен е и извештајот на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој утврдил дека претресот бил незаконски, по што Рускоска беше суспендирана од челната позиција во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.