Бруно Делбонел добитник на „Златна камера 300“ за животен опус на 45. издание на „Браќа Манаки“

Францускиот кинематографер Бруно Делбонел е добитник на наградата за животен опус „Златна камера 300“ на јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера ИФФК „Браќа Манаки“, што оваа година ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола. 

- Годинава славиме 45 години од постоењето на „Браќа Манаки“. Тоа за нас е многу важна годишнина, затоа што имаме можност да ги искористиме околностите кои постојат на нивото на филмските фестивали во моментот во светот, кои ни се благо наклонети. „Браќа Манаки“ е првиот и најстар филмски фестивал во светот, посветен на уметноста на кинематограферите. Специјализирани сме за тоа. Сега сме еден од двата најголеми фестивали во светот. Подготвуваме низа прекрасни изненадувања, рече денеска на прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

Тој откако го прогласи годинашниот добитник на наградата за животно дело, посочи дека оваа награда ја имаат добиено најголемите светски мајстори на кинематографијата.

Во чест на јубилејното 45. издание, како што рече, се очекува на фестивалот оваа година да присуствуваат досегашните добитници на наградата.

Добитникот на наградата, Бруно Делбонел е роден во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. 

Делбонел има шест номинации за Оскар - „Амели“ (2002) и „Многу долга венчавка“ (2005). Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари со филмот „Необичната судбина на Амели Пулен“, го освоил Кристалниот Глобус. 

Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги добил и номинациите за БАФТА (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар, а ја освои наградата на ЕФА (Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер).

Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“.