Бројот на заразени во светот достигна 77 милиони
Foto

Бројот на заразени во светот достигна 77 милиони

Земјите низ светот почнуваат вакцинација и дистрибуција на регистрираните вакцини, а неколку во Европа забранија летови и возови од и до Велика Британија откако се појави нов вид коронавирус – варијанта или мутација на КОВИД-19 на југоистокот од Англија.

Светската здравствена организација вчера соопшти дека откриени се случаи и во Данска, Холандија и Австралија. СЗО е во контакт со официјален Лондон и ќе ја извести јавноста откако ќе бидат направени итни истражувања на карактеристиките и импликациите на новиот вирус.

– Новиот вид на коронавирус, идентификуван во Велика Британија е до 70 проценти позаразен, но не се смета за посмртоносен, па затоа вакцината треба да биде ефикасна, соопшти британскиот премиер Борис Џонсон.

Според британскиот министер за здравство Мет Хенкок, новиот вид коронавирус е „надвор од контрола“, а главниот британски епидемиолог Крис Вити изјави дека може да се прошири побрзо меѓу населението, но засега нема показатели дека предизвикува поголема смртност или влијае на вакцините и начините на лекување.

Бројот на заразени од КОВИД-19 од почетокот на пандемијата во светот достигна 77 милиони. Оздравеле 54 милиони, активни во моментов се 21,3 милиони, а битката со кононавирусот ја загубиле 1,7 милиони луѓе.

Кај нас вкупниот број дијагностицирани достигна 78 305, оздравени се  54 034, починати 2292. Бројот на активни случаи е 21 979, од кои 11 822 се во главниот град.

Во нашите болници се лекуваат 1217 пациенти, позитивни и сомнителни на КОВИД-19, според статистиката на Министерството за здравство од вчера.

Од нив 479 се во болниците во Скопје (194 во ковид-центрите на интерните клиники, 141 на Инфективната клиника, 104 во ГОБ „8 Септември“ и 40 на Иститутот за белодробни заболувања кај деца – Козле) и 738 пациенти во ковид-центрите и инфективните оддели во другите градови во државата.

Министерството за здравство соопшти дека има околу 240 празни болнички кревети во ковид-центрите, со напомена дека состојбата е променлива затоа што во текот на денот има нови приеми, но се прават и исписи на оздравени пациенти и се ослободуваат дополнителни легла.

Во вчерашниот здравствен биланс беа евидентирани нови  357 случаи на КОВИД-19 од 1387 направени тестирања во 24 часа, а 132 од новозаразените се во Скопје. Починаа 18 пациенти, најмладиот на 34 години. Оздравени се  689 пациенти.

0 Коментари

Остави коментари