Бројот на случаи со симптоми на висока температура, дијареа и повраќање во Гостивар и натаму расте

Трае истрагата на полицијата и на обвинителството за масовното труење во Гостивар. Над 1.200 лица изминативе денови побарале медицинска помош во болницата во Гостивар. Оттаму велат дека поголемиот број од пациентите се со исти симптоми, повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура. Околу 260 лица, од кои 100-тина деца синоќа се јавија на инфективно и на педијатрија. Три деца се задржани за натамошна лекарска нега. Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е сериозно загадена и небезбедна за здравјето на граѓаните. Од секторот за внатрешни работи – Тетово соопштија дека постојат основи на сомневање дека активности на јавното претпријатие „Комуналец“ и на општина Гостивар довеле до загрозување на здравјето на граѓаните на градот. Прогласување епидемија во Гостивар нема да има, сè додека не се утврди причината за големиот број заболени. Потребни се повеќе епидемиолошки анкети за да најдеме кој е причинителот, рече министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на гостиварската Општа болница. Вели дека микробиолошката анализа ќе биде завршена утре, а ги повика граѓаните да внимаваат при користењето на вода и храна кога температурите се високи.

 

Од гостиварската болница велат дека засега се менаџира кризата, а од центарот за јавно здравје ги замолуваат граѓаните да ги пополнуваат епидемиолошките анкети.

 

Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани вели дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека стомачни тегоби пријавени од граѓани на Гостивар се предизвикани од водата од градскиот водовод. Тој во објава на фејсбук напиша дека причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи.

Ваљбон Лимани – градоначалник на Гостивар

„Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП „Комуналец“ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа“.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се преземат сите мерки и дека ќе има одговорност за случајот. Потенцира дека за него е шокантно тоа што луѓе несовесно се однесуваат.

За случајот се води истрага под координација на јавен обвинител од Гостивар. Во неа се вклучени полицијата, како и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за животна средина.