Бројот на работни места во ТИРЗ зголемен за осум проценти

Во компаниите што се активни во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во јули е регистриран зголемен број на работни места од 8,13 проценти во однос на истиот месец од 2020 година, како и речиси еден процент повеќе во однос на јуни годинава. Од Дирекцијата на ТИРЗ денеска информираа дека моментно во зоните работат 14 240 наши сограѓани, а се очекува ваквиот тренд да продолжи во наредните месеци поради тоа што во дел од компаниите се спроведуваат процедури за отворање нови работни места, а постојните инвеститори според договорите имаат обврска да отворат дополнителни 7.000 нови работни места.

Редовната месечна анализа на ТИРЗ, наведуваат во соопштение, покажува позитивен тренд и во однос на извозот и увозот. Во однос на извозот, во првите седум месеци во зоните вкупниот извоз достигна 1 милијарда и 700 илјади евра, што е за 56 проценти повеќе во однос на истиот период лани, односно над девет  проценти во однос на 2019 и речиси 30 проценти повеќе од 2018 година. Само во јули извозот е 225 милиони евра. Според анализата компаниите активни во зоните учествуваат со над 45 проценти во вкупниот извоз на државата.

-Во првите седум месеци од годинава вкупниот увоз во зоните изнесува над 1 милијарда и 767 милиони евра и е за 77 проценти зголемен во однос на истиот период лани. Само во јули увозот во зоните достигна 232 милиони евра и е најголем во последните четири години споредено со истиот месец, стои во информацијата од ТИРЗ.

Поради засилените увозни активности и интензивирање на инвестициите во нови технологии, покриеноста на увозот со извозот во зоните останува речиси изедначена. Во јули 2021 нето извозот е во позитива од 0,60 проценти.

Од почетокот на годинава во ТИРЗ се склучени договори со вкупен обем на инвестиции од над 120 милиони евра кои, како што најавуваат оттаму, во наредниот период треба да донесат 1970 нови работни места, над 2 милијарди приходи, а само овие компании во државата меѓу другото треба да уплатат над 70 милиони евра за придонеси и данок на добивка.