Брнабиќ: Србија нема да учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, ја оцени како „срамна“ изјавата на портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, за именувањето на Ненад Рашиќ за министер во владата на Косово и изјави дека поради ова Србија нема да учествува на самитот на ЕУ – Западен Балкан во Тирана. 

-После една ваква срамна изјава на ЕУ, само уште една во низата, нема потреба Србија повеќе да учествува на самити за Западен Балкан. Или ЕУ ќе почне да ги почитува вредностите што ги пропагира или повеќе нема потреба Србија да учествува во ваква фарса, рече Брнабиќ. 

Србија за прв пат нема да присуствува на самитот на ЕУ - Западен Балкан што ќе се одржи на 6 декември годинава во Тирана, наведе Брнабиќ во писмената изјава.

Претходно и шефот на државата Александар Вучиќ отворено ја нападна Унијата и порача дека Србија нема да учествува на самитот на ЕУ и Западен Балкан закажан за 6 декември во Тирана.