Британската амбасада потврди дека соработува со македонската влада за справување со нелегалната миграција

Британската амбасада потврди дека соработува со македонската влада за справување со нелегалната миграција. Како што велат од Амбасадата, по средбата меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, било договорено стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји.

„Како дел од ова, потпишаа партнерство меѓу владите за реализација на критични инфраструктурни проекти. Оваа соработка беше зајакната и од двајцата премиери на Берлинскиот процес, кој се одржа во октомври оваа година“ , објави Британската амбасада.

Британските медиуми пак вчера повторно ја отворија темата дека Македонија започнала формални преговори за прифаќање одбиени мигранти. Според написите, станува збор за лица на кои им е одбиено барањето за азил во Велика Британија. Од Владата негираат дека преговараат со Британија за прифаќање мигранти одбиени за азил.