Брисел со непроменети услови, регионот порачува: Фазната интеграција е позитивен предлог, но не смее да биде утешна награда
Јасни пораки, но и стари услови донесе 23-тата конференција на КОСАП што се одржа во Струга. Евроамбасадорот Михалис Рокас уште еднаш ја потврди определбата на Брисел за почеток на преговорите, но децидно потсети дека обврските за уставните измени од 2022 година остануваат на маса. Рокас денеска од Струга повика на меѓусебна доверба и конструктивност во претстојниот период.
И додека Брисел инсистира на уставните измени, кај нас се анализираат алтернативните модели. Француско-германскиот предлог за таканаречена „скалеста“ или фазна интеграција, според пратеникот Антонио Милошоски, е реален приказ на моменталните апетити на унијата за проширување.
Иако овој модел не нуди итно полноправно членство, Милошоски оценува дека земјава мора да заземе позитивен став и максимално да ги искористи предностите од пристапот до заедничкиот пазар.
Дека фазното интегрирање е добар чекор, но не смее да биде утешна награда, порачуваат и регионалните партнери. Секој напредок кон заедничкиот пазар е добредојден, но крајната цел мора да остане непроменета – полноправно членство во ЕУ вели Јелена Милош од Хрватскиот сабор и додава дека земјите кои со децении се соочуваат со неправди и тешки реформи на овој пат, мора да бидат соодветно вреднувани и наградени.
Овие ставови и дебати ја одбележаа денешната 23-та конференција на КОСАП во Струга.Регионалните парламентарци си заминуваат со порака дека проширувањето на ЕУ останува стратешка цел, но динамиката и понатаму ќе зависи од условеноста на реформите и политичката волја.

