Брисел се надева дека Скопје и Софија можат да постигнат компромис
Foto

Брисел се надева дека Скопје и Софија можат да постигнат компромис

Европската Комисија останува на ставот дека Скопје и Софија треба да изнајдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата и не се откажува од почнување пристапни преговори со Северна Македонија. Ова за МИА го изјавила портпаролката за проширување Ана Писонеро.

„Ги охрабруваме двете страни да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за нивните билатерални проблеми. Се надеваме дека може да се постигне договор за преговарачката рамка наскоро со цел да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо.“ - вели Ана Писонеро – портпаролка на ЕК.

На прашањето каква е позицијата на Македонија и дали може да бидеме оптимисти, министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека во Брисел се разговара за текстот на преговарачката рамка, 26 зеји имаат усогласен став за преговарачката рамка. Со Бугарија разговараме, ќе работиме до последната минута од овој процес, рече Османи. 

На 17 ноември треба да се одржи Советот на министри на ЕУ на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, но Бугарија засега не отстапува и смета дека не може да даде зелено светло додека не се изнајде компромис околу прашањата за јазикот, краткото име и историските теми.

Дипломати во Брисел велат дека се остава сега на двете страни да продолжат со контактите и обидите за постигнување компромис, и, иако бугарската страна нема поддршка од другите земји членки за своите ставови, нејзиното право на вето е безусловно, и ниедна земја, ниту институција не може да се меша во билатерални прашања. Премиерот Заев вчера рече дека деновиве ќе се засилат разговорите со Бугарија и се надева на решение непосредно пред министерскиот совет на ЕУ во вторник.

0 Коментари

Остави коментари