Брисел испрати оценки – власта и опозицијата возвратија со меѓусебни обвинувања

Брисел испрати оценки – власта и опозицијата возвратија со меѓусебни обвинувања. Извештајот на Европската Комисија за владеењето на правото во земјата, наместо патоказ до реформи, стана ново поле за партиски пресметки.

СДСМ ја обвини власта за состојбите во правосудството, ВМРО-ДПМНЕ и возврати, а Левица порача дека документот ги потврдува нејзините ставови.

Извештајот на Европската Комисија покажува дека чувствата на Мицкоски ги поклопија правото, уставот и правната држава, порачаа денескаод СДСМ.

Александар Наумовски СДСМ : ВМРО-ОКГ намерно го кочи пристапувањето кон Европската Унија. Европската интеграција значи посилни механизми за контрола, независни институции и вистинска борба против корупцијата. Токму од тоа се плаши власта на Мицкоски – од систем во кој законите ќе важат за сите и во кој секој што сторил криминал ќе одговара. Извештајот од Брисел е црвен картон за Мицкоски и неговата власт.

Откако премиерот Мицкоски вчера изјави дека судиите и обвинителите нема да добијат повисоки плати бидејќи, според него, не ги заслужиле, од ВМРО-ДПМНЕ денеска порачаа дека СДСМ се бори за нивно зголемување за да можат да продолжат да ги штитат.

ВМРО ДПМНЕ : Наумоски бара зголемување на плати на судиите и обвинителите, затоа што и тој уште првиот ден кога стана градоначалник си ја зголеми градоначалничката плата. Затоа се борат за судиите и обвинителите, за да можат уште да ги штитат.

Левица оцени дека извештајот е потврда за нивната теза дека корупцијата е системски проблем. Порачаа дека Брисел констатирал дека граѓаните се заложници на коруптивен здравствен систем.

Левица : Недостиг на терапија, сомнителни набавки, хаотично управување со јавните здравствени установи и хронично отсуство на одговорност, создаваат систем во кој граѓаните стануваат заложници на партиско-коалициските лукративни интереси. Европската комисија предупредува токму на секторот каде што човечкиот живот не смее да зависи од партиски кадри и клиентелистички мрежи.

Вчера премиерот Мицкоски, и покрај оценките на Брисел, најави дека ќе продолжи јавно да бара од судиите и обвинителите да испорачуваат правда, оценувајќи дека граѓаните не се задоволни од функционирањето на правосудниот систем. Изјави дека судиите и обвинителите нема да добијат ниту денар повеќе, затоа што не заслужиле.

Европската комисија, во новиот извештај за владеење на правото во Македонија, нотираше дека независноста на судството е под притисок на политички влијанија, недоволни ресурси и слаб напредок во борбата против високата корупција.