„Браќа Манаки“ ги спои холивудските мајстори

„Браќа Манаки“ ги спои холивудските мајстори со новата генерација на свеченото отворање на 47. издание на фестивалот, одржано на 19 септември во Битола. Фестивалот, кој ќе трае до 25 септември, започна со признанија за врвни светски и македонски филмски автори и со македонската премиера на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.

Една од централните пораки на отворањето ја испрати американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, добитник на Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Тој нагласи дека фестивалот има посебно место во филмскиот свет бидејќи вниманието го насочува кон луѓето зад камерата.

 

„Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал“, рече Кроненвет, посочувајќи дека средбите во Битола им овозможуваат да создаваат професионални контакти, пријателства и да разменуваат искуства со поискусните колеги.

Кроненвет потсети дека и самиот, на почетокот од кариерата, учел гледајќи ги филмовите на постарите кинематографери. Сега, како еден од највлијателните автори на современата филмска фотографија, вели дека сака дел од своето знаење да им го пренесе на генерациите што доаѓаат.