Божиновска за тв 24: Очекувам нова праведна пресуда

„Ако еден живот е спасен поради оваа бука, првата битка ја добивме, втората е правда за Иван и Милан" - вели Сташа Божиновска по најавата на министерот Маричиќ дека ќе се воведе ново кривично дело безобзирно управување со моторно возило кое ќе се казнува исклучиво со казна затвор.

Оваа измена ќе следува после бурните реакции во јавноста за пресудата за сообраќајката кај Охрид лани во која загинаа две момчиња, Сташа и нејзините братучетки Исидора и Деспина беа тешко повредени а обвинетиот возач доби само условна казна и глоба од 3.000 евра иако таа кобна ноќ возел со брзина од 106,6 километри на час, на место каде е дозволена брзина од 60 километри на час. 

Претседателот на Охридскиот основен суд Васил Баткоски за тв 24 вели дека реакциите во однос на пресудата во јавноста се очекувани во ситуација кога пресудата не е правосилна и јавноста не е запознаена во целост со причините зошто е донесена ваквата одлука.

Според судијата кој го води случајот олеснителните околности за обвинетиот возач да добие условна осуда биле тоа што делото било сторено во небрежност и дека тој ја признал вината.Семејствата на загинатите Иван и Милан и на повредените девојки очекуваат битолска Апелација сега да донесе правилна и праведна одлука.