Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска карта на Југоисточна Европа
Не сакаме да бидеме само набљудувач – сакаме да бидеме активен партнер и енергетски коридор што го поврзува југот со Централна и Источна Европа, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на Шестиот 6. Метрополитен самит што се одржува во Солун, во организација на „Економист“, каде како почесен гостин и главен говорник се обрати пред високи претставници од политичкиот, економскиот и бизнис сектор од Грција, регионот и Европа.
Овогодишниот самит, под наслов „Axis 2030: Powering connectivity, unlocking growth for south-east Europe“, е посветен на иднината на поврзаноста, економскиот развој и геополитичките и енергетските предизвици со кои се соочува Југоисточна Европа.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека енергетската безбедност денес е неразделно поврзана со диверзификацијата на изворите, прекуграничната инфраструктура и регионалната поврзаност.
- Енергетската независност значи државен суверенитет. Денес не е доволно само да имаме енергија – мора да знаеме од каде може да дојде, по кои патишта може да стигне и дали тие патишта се сигурни, диверзифицирани и меѓусебно поврзани. Зависноста од еден единствен добавувач нè прави ранливи. Затоа диверзификацијата и прекуграничната поврзаност повеќе не се прашање на избор, туку прашање на енергетска безбедност и економски развој“, порача Божиновска.
Тема на панелот беше Вертикалниот гасен коридор, а нејзини останите учесници беа Џошуа Волц - специјален пратеник за глобална енергетска интеграција, Департмант за енергетика на САД, Ставрос Папаставру - министер за животна средина и енергетика на Грција, Ива Петрова - министер за енергетика на Бугарија и Артем Рибченко - заменик-министер за обнова, инфраструктура и транспорт на Украина. Министерката нагалси дека токму овој проект го оценува како еден од клучните проекти за новата енергетска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа.
- Вертикалниот енергетски коридор не е само гасоводна инфраструктура. Тој е новата безбедносна, економска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа, посочи Божиновска.
Таа истакна дека Македонија со официјалното приклучување кон Вертикалниот гасен коридор прави историски чекор кон прекин на долгогодишната зависност од една гасна рута и отворање кон нови извори и пазари.
- Ние не сакаме да бидеме само набљудувач на овие процеси, туку активен партнер. По три децении ја прекинуваме целосната зависност од само една гасна рута и градиме инфраструктура која ќе ја постави Македонија на новата енергетска карта на Европа, рече Божиновска.

