Борис Џонсон – политичар кој тешко може да биде игнориран
Foto

Борис Џонсон – политичар кој тешко може да биде игнориран

Борис Џонсон, политичар кој не може да биде игнориран, е само еден од насловите во сите светски медиуми, откако поранешниот градоначалник на Лондон и екс-министер на британската дипломатија, беше избран за нов лидер на Конзервативната партија, а веќе од утре ќе ја преземе и премиерската функција, на месото на Тереза Меј. 55-годишниот Џонсон убедливо го победи неговиот противкандидат Џереми Хант, освојувајќи 66% од гласовите.

„Големи привилегија и чест е да се биде избран за лидер на Конзервативната партија. Знам дека ќе има луѓе кои ќе ја преиспитуваат мудроста на овој избор, но ниту еден поединец или партија нема монопол на мудрост. Кампањата заврши и сега да се фатиме за работа.“ - изјави Џонсон.

Како главен заговарач на Брегзит уште од самиот почеток, и овој пат во својот победнички говор истакна дека главна цел на неговата влада ќе биде целосно спроведување на овој процес, наведувајќи дека на земјата ќе и донесе нова енергија. Тој вети дека Велика Британија ќе излезе од Европската Унија до 31 октомври, макар и без постигнат договор.

„Целта е спроведување на Брегзит, обединување на земјата, победа над Џереми Корбин. Тоа и ќе го сториме. Во овој клучен момент од нашата историја мора да помириме два инстинкта – желбата за слободна трговија и соработката со нашите партнери, а истовремено и длабоката желба за демократско владеење во оваа земја.“ - изјави Џонсон.

Меѓу првите од кои доби пофални зборови за изборот е американскиот претседател Доналд Трамп, кој на Твитер напиша:

„Честитки за Борис Џонсон за преземањето на премиерската функција. Ќе биде одличен!“ - напиша Трамп.

Контроверзниот Борис Џонсон, својата професионална кариера ја започнува не како политичар, туку како новинар на Тајмс, од каде добива отказ бидејќи измислил цитат. Откако станува дописник од Брисел, неговите извештаи го поттикнуваат антиевропското располежение во Велика Британија, па набрзо станува водечка фигура на евроскептичното крило во Конзервативниот блок.

Два мандата беше градоначалник на Лондон, а во владата на Тереза Меј е на позицијата шеф на британската дипломатија, место од кое дава оставка поради различните ставови во однос на Брегзит. Амбициите и подемот на Џонсон никој не можеше да ги сопре, па аланилитачирите оценуваат дека приврзаниците на Брегзит ќе слават на 31 октомври, Денот на Брегзит.

0 Коментари

Остави коментари