Борис Џонсон побара ново одложување на Брегзит, во ЕУ се прават консултации

По последниот пораз во британскиот Парламент, премиерот Борис Џонсон побара ново одложување на Брегзит. Иако писмото од Џонсон адресирано до првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск,е непотпишано, тој потврди дека го примил барањето за ново пролонгирање. 

Истовремено, Џонсон испратил уште едно писмо во кое напишал дека одложувањето на Брегзит би било грешка. Од неговиот владин кабинет денеска порашуваат дека Велика Британија излегува од Унијата на 31 октомври.

„Излегуваме на 31-ви октомври. Имаме и средства и можности за тоа. Тоа писмо е испратено, бидејќи Парламентот бараше да биде испратено. Но, парламентот не може да го измени мислењето на премиерот, Парламентот не може да ја промени владината политика, како ниту нејзината решителност“ - рече Мајкл Гоув - министер наделжен за подготовките за Брегзит без договор

Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Туск , по телефонскиот разговор со Џонсон, на Твитер објави дека во Унијата ќе се направат одредени консултации во однос на барањето за понатамошно одложување на Брегзит.

„Барањето за одложување само што пристигна. Ќе почнам консултации со лидерите на Европската Унијата за нашите понатамошни чекори“ - напиша Доналд Туск.

Британските пратеници вчера со 322 гласови „за“ и 306 „против“ го изгласа амандманот на пратеникот Оливер Летвин, со кој се обезбедува Џонсон да не може да спроведе Брегзит без договор на 31 октомври.

Прашањето на Брегзитот последните денови се насочи кон две можности: уредно излегување на 31-ви октомври во согласност со Договорот кој Џонсон го постигна со челниците на ЕУ во четвртокот, како и на одложување на излегувањето, откако вчера по гласањето во Парламентот, тој практично беше принуден да го бара тоа.