Борел: Србите да се вратат во институциите, Приштина да ги прекине акциите

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, ги повика Србија и претставниците на Србите во Косово да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во институциите во Приштина.

Тој ги повика и властите во Приштина да го продолжат процесот на пререгистрација на возилата, прекинување на сите казнени дејствија против сопствениците на регистарски таблички КМ и веднаш да започнат со преземање чекори кон формирање на Заедницата на српските општини.

 

Борел оценува дека повлекувањето на Србите од приштинските институции на Косово не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за дополнително ескалирање на тензиите на теренот.

„Неодамнешните настани во односите меѓу Косово и Србија ги загрозуваат годините напорна работа и достигнувања постигнати во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, и ја комплицираат безбедносната ситуација во регионот и пошироко“, рече Борел во писмена изјава објавена на веб-страницата на Европската унија.

Тој упати апел до двете страни да покажат подготвеност да бараат решенија на конструктивен начин и да ги почитуваат своите обврски преземени во дијалогот.