Борел: Не е на повидок во блиска иднина победа на Украина над Русија

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија Жозеп Борел изјави дека не се очекува Украина да постигне брза победа над Русија во блиска иднина.

На Конгресот на Партијата на европските социјалисти во Малага, тој ја нагласи потребата Европската Унија политички да се подготви за потенцијално намалување на американската помош за Украина, пишува Украинска Правда.

- Имаме многу проблеми кои ќе бидат тест за ЕУ. Како прво, во моментов нема изгледи за победа на Украина над Русија. А ние, Европејците кои ги имаме потребните средства за тоа, мораме да бидеме подготвени, политички гледано, да продолжиме да и помагаме на Украина, имајќи предвид дека американската поддршка веројатно ќе опадне, истакна Борел.

Тој ја наведе ситуацијата во Газа како уште еден голем предизвик и повтори дека Унијата се залага за решение со две држави. Сепак, како што наведе, има поголеми потешкотии во спроведувањето на ваквиот модел отколку пред 30 години.