Борел: Koсово и Србија постигнаа договор за анексот за нормализација на односите

Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Жозев Борел, по завршувањето на трилатералната средба објави дека има договор помеѓу Белград и Косово и рече дека исполнувањето на прифатените обврски ќе влијае на пристапувањето кон Европската Унија.

Борел ја потенцираше важноста од тоа Србија и Косово да мора да ги нормализираат односите, додавајќи дека нема друг начин за да го продолжат европскиот пат.

- Целта денеска беше како да се имплементира договорот прифатен на последниот состанок на високо ниво помеѓу Косово и Србија, одржан на 27 февруари во Брисел. Тоа значи практични чекори за тоа што треба да се направи, кога да се направи, од кого и како. Ние дискутиравме за тоа 12 часа. И мило ми е што ќе објавам по 12 часа, конечно, ние имаме договор, согласност, за тоа како да се имплементира договорот. Можам да објавам дека Косово и Србија се согласија за имплементација на анексот на договорот за нормализација на односите. Како дел од овој анекс на договор, двете страни целосно се обврзаа да се придржуваат на сите членови на договорот и да ги имплементираат сите обврски. И овие резултати доаѓаат по интензивни и тешки преговори. Не сакам да го кријам тоа. Се составуваме во различни формати и констелации, со цел да ги намалиме разликите на двете страни“.

Борел посочи и како ќе се имплементираат спорните отворени прашања за Србија и Косово.

- Косово се согласи веднаш да се оформи соодветно ниво на самоуправување за Заедницата на српски општини. Двете страни се договорија да ја потенцираат декларацијата за исчезнати лица, која беше преговарана на дијалогот потпомогнат од ЕУ, која е со високо ниво на важност. Морам да потенцирам дека ние иницијално предложивме поамбициозен анекс на договорот, но за жал двете страни не се договорија за тој детален предлог. Ова беше еднострано поддржано, кај косовската страна недостигаше флексибилност. Од друга страна, Србија истакна дека принципиелно нема да потпишува ништо, се додека не се целосно подготвени да го имплементираат. Со цел да ги избегнеме овие последици, ние направивме предлози поврзани со потпишувањето и суштината. Но, двете страни не можеа да изнајдат заедничка согласност за нашите предлози. Иако беше предложен поамбициозенен текст на почетокот, тоа што двете страни го прифатија, значи дека согласноста и имплементацијата ќе стане составен дел кон европскиот пат. Со цел да бидам поконкретен, ќе вклучам амандмани во преговарачкото поглавје, во преговарачката рамка за преговори со ЕУ, како и во агендата за стабилизација на Косово со ЕУ“, додаде тој.

Тој рече дека треба сите да се посветат на тоа што е договорено на средбата.

- На овој начин двете страни ќе бидат обврзани за овој договор, кој ќе биде составен дел од европскиот пат. Ние како ЕУ, ќе ги принудуваме двете страни да ги исполнуваат обврските од овој договор, бидејќи сега ќе биде составен дел од европскиот пат. Ако не се исполни, ќе следуваат последици. Дијалогот не е само за Косово и Србија. Вниманието од сите медиуми од регионот и пошироко, го докажуваат тоа, дека ова е за стабилноста, сигурноста и просперитетот на целиот регион. Овој дијалог мора да се види низ поширок политички контекст, со алатка за овозможување мир и стабилност на Западен Балкан. Во понеделник, европските лидери ќе се состанат во Брисел, ќе ги информирам за овие разговори и за учеството и ангажманот на двете страни целосно да ги имплементираат нивните обврски“, кажа Борел.