Болните од епилепсија оставени без лекарства, во потрага по аптеките за да преживеат
Во рок од три дена поминал 26 аптеки низ градов за да си ги најде потребните лекови. Ангел Димитриевски е едно од лицата со епилепсија, кои што мака мачат да дојдат до потребната терапија. Неговите лекови, вели ги нема ниту на рецепт, ниту на приватно. Па приморан е да се снаоѓа како знае и умее. Се јавува по веледрогерии, по доктори, па дури и на социјалните мрежи за да позајми лекови од пациенти со истата состојба.
- „Јас во последниве три дена имам поминато 26 аптеки и конечно успеав да ги најдам лековите, но не затоа што јас многу барав по аптеките, туку затоа што јас најдов човек што го познавам па успеа некако да ми ги обезбеди лековите, но ако обичниот граѓанин ги бара лековите по аптеките на крајот од денот нема да ги најде“ - изјави Ангел Димитриовски.
Ако не ја зема навреме терапијата, состојбата му се влошува. Нема ништо полошо да живееш со стравот дека имаш уште само две три дози од потребните лекови, вели Ангел.
- „Терапијата која што треба да ја примаме е клучна за да може да функционираме. За еден човек да нема епилептични напади мора секој ден да ја пие определената доза на лекови за да може нормално да фунцкионира. Тоа е на некој начин како да му одземете храна или вода на човекот на кој што му треба за да функционира. Недостатокот на овие лекови ја загрозува здравствената стостојба на луѓето кои живеат со оваа сотојба“. - изјави Ангел Димитриовски.
Македонија е држава којашто го загрозува здравјeтo на своите граѓани и затоа треба сериозно да се преиспитаат сите начини на коишто се оштетуваат граѓаните, порачува Ангел и очекува надлежните да најдат итно решениe на овој проблем.
„Очекуваме некаков одговор некаква постапка која што ќе ги подобри состојбата, бидејќи на крајот од денот за тоа и постојат институции кои што ние граѓаните сме ги платиле да работат во наша полза и да не се соочуваме со вакви проблеми“ - изјави Ангел Димитриовски.
Од министерството за здравство пак велат дека причината поради кои дел од лековите ги немало во аптеките е поради тоа што не се прозиведувале веќе, но тврдат дека пациентите биле покриени со друга терапија.
„Лекот okskarbazepin (Oxalept, Trileptal) од производителот Teva Izrael во моментов не се произведува и од таа причина веледрогериите не можат да го дистрибуираат и го нема во аптеките. Пациентите се соодветно покриени со терапија, зашто лекот Tegretol и неговата генерика (carbamazepin) ги има во аптеките и истите можат да се подигнат.“ - велат од Министерство за здравство.