Болниците преоптоварени, 1684 хоспитализирани, 45 починати, над 21.000 активни случаи
Foto

Болниците преоптоварени, 1684 хоспитализирани, 45 починати, над 21.000 активни случаи

Не стивнува третиот бран на пандемијата од коронавирусот. И вчера беше регистриран голем број на новозаразени и починати. Во претходното деноноќие забележани се 1.394 нови случаи од 4.920 тестирања, или 28 отсто од тестираните се позитивни. Вкупно починаа 45 лица, а оздравеа 479 пациенти. Во моментов бројот на активни случаи во државата изнесува околу 22 илјади.

По завчерашниот највисок број (50) починати во 24 часа, министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека има пациенти со многу тешка клиничка слика кај кои терапијата не дава резултати. Болниците се преоптоварени како никогаш од почетокот на епидемијата, рече тој, но дури и сега има слободни кревети и ниеден пациент нема да остане без соодветна лекарска нега. 

Во однос на смртните случаи на млади луѓе, министерот одговори дека и во регионот често има влошување на здравствената состојба кај младите во рок од само неколку часа.

-Болниците се преоптоварени како никогаш досега, но обезбедуваме се што треба секој да добие соодветна здравствена нега и има сосема доволен број болнички кревети,  дури и сега, изјави Филипче.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1684 и има околу 230 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 999 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 112 пациенти, во Штип 86, во Велес се лекуваат 97 болни, во Куманово 96, во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 138 , во Струмица 87 пациенти,  Кавадарци 79. Во другите градови има помалку хоспитализирани.

Во претходното деноноќие во ковид-центрите во Скопје биле хоспитализрани 103 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 685 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 311 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 136 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 39 пациенти. На Клиниката за детски болести има 5 деца позитивни на ковид 19 вирусот, а на ГАК има 9 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и  рехабилитација има 26 болни. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 134.134, бројката на оздравени пациенти е 108.676, на починати е 3.905, а бројот на активни случаи изнесува 21.553. Најмногу активни случаи има во Скопје 10613, Прилеп -1130, Куманово – 1047, Битола – 981, Охрид – 876, Велес – 818, Кавадарци – 749. Во другите градови се помалку од 700.

0 Коментари

Остави коментари