Болничарите и техничкиот персонал бараат покачување на платите
Foto

Болничарите и техничкиот персонал бараат покачување на платите

Административно техничкиот персонал во здравството му се налути на Филипче што не им ги накачи и на нив платите. Преку соопштение до јавноста велат дека се изманипулирани и оставени да преживуваат со минимални примања. Бараат и тие повисоки плати. Во спротивно најавуваат протест на 27ми месецов. Александар Петровски кој речиси 20 години работи во Здравствен Дом - Скопје вели дека разочарувачка е одлуката на властите тие да не добијат покачување.

„Како човек кој што со години работи во Здравствен Дом Скопје како техничко помошен персонал, без кој што здравствениот систем не може да функционира, благо кажано навистина не е фер. Вчерашниот ден беше едно големо разочарување и револт кај колегите. Не може мене никој да ме убеди дека ние како технички персонал со платата која што ние ја зимаме треба да бидеме изоставни. Апелираме до надлежните во ниту еден случај да не не изостават, затоа што и ние имаме деца.“  вели Александар Петровски – Техничко-помошен персонал во ЗД Скопје.

Министерот Филипче пак објаснува дека администрацијата во здравството не може да се оддели од останатата администрација затоа и биле изоставени од овој бран на покачувања, но тврди дека ќе бара решение со министерот за администрација Манчевски, за да и оваа категорија на вработени добијат повисоки плати.

„Проблемот е што јавната администрација што работи во здравството не можеме никако да ја одделиме од останатата администрација. Но имавме конструктивна средба со цел да видиме дали администрацијата во здравството може да се одвои од останатата. Ќе следат средби и со претставници МИОА и се надевам дека ќе најдеме соодветно решение со оглед на тоа што овие административци имаат навистина специфична работа.“  изјави Филипче.

Министерот Манчевски пак не одговори дали може здравствената администрација да се изолира од останатите административци. Прашањето вели треба да се адресира до министерот за здравство.

По заканите за штрајк од здравствените синдикати, власта вчера предизборно одлучи да им ги накачи платите на здравствените работници. Ресорниот министер вчера соопшти дека од февруари специјалистите на конотото ќе добиваат 25% повиска плата, општите доктори 15 проценти, додека пак медицинските сестри 10%.

0 Коментари

Остави коментари