Болка и лелек во Студеничани
Роднини, пријатели, соседи, братучеди, внуци - речиси и да нема жител во Студеничани кој не изгубил некој близок во автобуската несреќа во Бугарија.
Посмртните останки од Софија денеска беа донесени во домовите на семејствата на загинатите. Фати Исени е меѓу жителите, кој изгуби четири членови од потесното семејство во несреќата.
„Од првиот ден од несреќата до денеска болката е голема и овие се најтешките моменти кога зборовите ниту вредат ниту може да се најдат. Не може да се искаже тоа што боли одвнатре, дај Господ ова да е последно и да не се повторуваат вакви трагедии. Цела фамилија да ја изгубиш, никој не би можел да го опише тоа што го чувствуваме.“ - вели Исеини.
Во џамијата во Студеничани пладнево - молитва за душите на загинатите.
„Би било добро побрзо да се расветли случајот, за семејствата, инаку тие ја прифатиле божјата волја, тука нема дилема. Смртта и животот само Господ ги дава и никој друг.“ - вели оџата.
Шокот и тагата се големи кај жителите кои велат дека не паметат поголема трагедија.
„Од оваа трагедија поголема не паметиме, многу трагичен настан, денеска чекаме да ги погребаме“
„Потажен ден не паметам“.
„Жално за сите“.
„Голема тага, тоа е што е пишано“
„Голема трагедија, на никој да не му се случи“
Првиот човек на општината побара што побрзо расветлување на случајот. Изгубените животи нема да се вратат, но не смее да се дозволи да се повторат вакви трагедии, порача градоначалникот Азем Садику.
„Господ да им даде сила на фамилиите, јас и општината се обидовме што повеќе да бидеме тука за нив. И нашето и нивното барање е надлежните институтции да го расчистат случајот, тоа нема да ги врати загубените животи но не смее да се повторат вакви трагедии.“ - изјави Садику.
Студеничани изгуби дваесет жители во кобната автобуска несреќа во Бугарија, меѓу кои и деца, од кои најмалото имаше само седум години.

