Боливиските власти прогласија здравствена вонредна состојба во главниот град Ла Паз поради блокадите

Боливиските власти во главниот град Ла Паз вчера прогласија здравствена и хуманитарна вонредна состојба поради недостиг предизвикан од неколкунеделните блокади на патиштата низ оваа јужноамериканска земја, јавува ДПА.

Целта на мерката е обезбедување на снабдувањето на болниците со медицински кислород, лекови, храна и други основни средства, се наведува во административна одлука цитирана од весникот „Ла Разон“.

Мерката, првично воведена на 90 дена, се оправдува со критичната ситуација во снабдувањето предизвикано од блокадите што траат повеќе од еден месец.

Меѓуамериканската комисија за човекови права (IACHR), автономен орган на Организацијата на американските држави (OAS), исто така предупреди за хуманитарните последици од кризата, потсетува германската агенција.

Ова тело наведува дека има недостиг од гориво, храна, лекови и кислород и ја цитираше Канцеларијата на народниот правобранител дека најмалку седум лица загинале во врска со протестите - четири од нив поради недостаток на навремена медицинска помош.

„Со оглед на сериозните влијанија врз човековите права и значајните хуманитарни последици што произлегуваат од протестите и блокадите на патиштата, Комисијата ги повикува државата и сите вклучени општествени сектори да го дадат приоритет на дијалогот“, соопшти IACHR.